Опкружен со најблиските, во својот дом, и покрај силната борба, некогаш еден од најпознатите менаџери во нашата земја, но и на целиот Балкан, почина Велибор Џаровски – Џаро.
Како што сподели со „Женски магазин“, неговата ќерка Милица Џаровска, по мозочниот удар кој Џаро го преживеал нд 24 март, по што поминал две недели во болница, кај него до последно опстоила желбата за следење на настани и случувања во земајва и соседството.
– Почина дома, со најмилите. До последно се бореше, следеше настани и не се предаваше по мозочниот удар на 24 март и две недели поминати во болница. Им благодариме на сите за пораките, да сте живи и здрави. Цела поранешна Југославија ќе има по што да го памети. Еден беше Џаро, за нас најуникатниот татко, сопруг, а најмногу дедо – кажа неговата ќерка Милица Џаровска за „Женски магазин“.
Јавноста ќе го памети како организатор на над 5.000 концерти, промотор на безброј пејачи и фудбалери на кои им помогна да го достигнат врвот во кариерата, бестрашен прекршувач на законот со 135 лажирани натпревари. Секогаш во центарот на вниманието поради различни згоди и скандали.
Велибор Џаровски- Џаро, кој почина утрово, остана крал на југословенската естрадна и спортска сцена дури и по нејзиното распаѓање. Беше менаџер во времето кога менаџерството беше непризната професија.
Лани Милица Џаровска ја изаде книгата „Живот на коцка“ посветена на животот на нејзиниот татко.
За него напиша: Животот на Велибор Џаровски-Џаро беше патување, песна, игра и љубов. Но, играта што ја играше не беше секогаш лесна. Бурниот и немирен темперамент, остриот ум и специфичниот карактер постојано го соочува со најразлични перипетии.