Таткото на Вања Ѓорчевска, ќе излезе од Истражниот затвор Скопје во Шутка и мерката притвор ќе ја издржува во домашни услови. Врховниот суд ја уважи жалбата на Александар Ѓорчевски, откако тој утринава на јавна седница по втор пат побара притворот да му биде укинат.

– Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост. – соопштија од Врховен суд.

Ѓорчевски утринава пред врховните судии рече дека неосновано е осомничен за помагање на убиството на неговата 14 годишна ќерка и рече и дека и тој сака да знае што точно се случило.

„Ми одзедоа сè. Не сум веќе ни родител ни татко, ехо од човек остана од мене. Се соочувам со апсурдни обвинувања. Во моментите кога не можев да пуштам ниту глас, ниту солза, бев обвинуван во полициска станица и тоа за работи што не ми се јасни и не ги разбирам“, рече Ѓорчевски.

Неговиот адвокат пак информираше дека телефонот на Ѓорчевски бил земен за вештачење но се уште немаат инфромации од вештачењето. Тој посочи и дека случајот стигнал до Центарот за социјални грижи, откако на семејството на таткото на Вања не им било дозволено да остварат контакт со неговата помала ќерка. Адвокатот тврди дека на таткото на Вања му била вршена и тортура за што постоеле медицински извештаи.

Неговиот адвокат објаснувајќи зошто Ѓорчевски повеќе не треба да е во ефективен притвор, пред судиите посочи дека во меѓувреме бил сослушан и дал важни информации за истрагата.. Ги кажал и лозинките за пристап до неговите електронски уреди.

„Неговата трагична судбина е од несреќната прес конференцијана тогашниот министер за внатрешни работи без притоа воопшто да се води сметка и да се има она што законот го налага, а тоа е да се внимава на пресумпцијата на невиноста крајно невнимателно е кажано и во добра мера улога во таа рабтоа имаат и некои луѓе кои биле дел од владејачката структура, дел биле пратеници кои на своите фб профили ги подржаа тие наводи што тогаш ги кажа министерот за внатрешни работи.“ – изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ.

Таткото на Вања е осомничен за помагање во грабнување на неговата ќерка, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември. Првосомничен за грабнувањето и двојното убиство на Вања и на велешанецот Панче Жежовски е Љупчо Палевски Палчо, за кого веќе со месеци се чека екстрадиција од Турција.