Нѐ чека многу топло време до крајот на јули, а од Управата за хидрометеоролошки работи откриваат какви ќе бидат температурите во текот на август, како и дали се очекува надминување на рекордната температура досега забележана во осмиот месец од годината во Скопје.

Сепак, во првите денови од август се очекува благ пад на температурата, па од понеделник, 2 август, ќе биде променливо облачно, малку посвежо, со повремени врнежи од дожд и локални врнежи со грмежи.

– Ќе продолжи периодот на многу топло време со натпросечни температури за овој период од годината и ќе биде активно портокаловото ниво на опасност од високи температури. Вдолж Повардарието наместа температурата ќе го надминува 40-тиот степен. Во понеделник ќе дува засилен претежно северен ветер кој ќе предизвика благо опаѓање на температурите повеќе во северните делови од земјата – велат од УХРМ.

Во август повеќето прогностички модели покажуваат голема веројатност месечната температура на воздухот да биде над просечните вредности со отстапување до +2 степени во поголем дел од земјава, односно +1 степен во јужниот дел.

Измерените просечни вредности (период 1981-2010) на температура на воздухот се движат околу 17 степени во западните планински делови, Берово 19, Крива Паланка 20, Прилеп, Битола 22, Скопје, Струмица и Штип 24, Демир Капија и Гевгелија над 25 степени.

Постои голема веројатност врнежите на целата територија на земјата да бидат во рамките на просечните вредности, а во западниот дел се очекува да бидат малку под просечните вредности.

– Што се однесува до прогнозата за август, ќе биде многу топло, отстапување од +2 од просекот. Очекуваме слично време како во јуни и во јули. Во почетокот на август ќе имаме малку пониски температури, додека остатокот од месецот ќе биде многу топол со температури од околу 35 Целзиусови степени – информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Од УХМР очекуваат во текот на август да дојде до наминување на рекордно измерената температура во главниот град од 06.08.2012 година кога е забележан 41 степен, а оттаму прогнозираат дека новата највисока температура ќе биде во опсег од 42 до 43 степени. Инаку, до овој момент за месец јули во Скопје не е достигната рекордната температура од 43,3 степени која беше измерена на 24.07.2007 година.

Во месеците јули и август највисока измерена температура е забележана во Демир Капија, и тоа на 24.07.2007 од 45,7 степени, додека на 22.08.1952 се регистрирани 44,5 степени. Слични температури во овие два месеца се заблежани во минатото во Гевгелија каде на 24.07.2007 се измерени 45,3 степени, а пак на 07 август 2012 во овој град се регистрирани 43,8 степени.

Поради топлотниот бран, Владата објави препораки, меѓу кои и ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на РСМ и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и на бездомници.