Ацо Боцевски, во подземјето познат како „Циганот“ e Македонецот кој е уапсен по речиси три децении бегство. Него денеска го лоцирала и лишила од слобода грчката полиција во градот Катерини, потврди македонското Министерство за внатрешни работи.
Боцевски беше во бегство од 1998 година, кога наместо да отслужи 15 години затвор за ладнокрвното убиство на Сеат Ибраими, исчезна под сомнителни околности додека беше во домашен притвор. За него беше распишана една од најстарите и најозлогласени меѓународни потерници.
Крвавиот настан што го внесе Боцевски во криминалната историја се случи во ноември 1997 година, среде бел ден, во центарот на Скопје. По кратка автомобилска потера, Боцевски излегол од „корветата“, го стигнал Ибраими, кој со „мерцедесот“ излетал од патот и испразнил цел шаржер врз него. Убиство со потпис – ладнокрвно, брутално и пред очите на градот.
Со денешното апсење, правдата конечно му се доближува. Од МВР најавуваат дека ќе следи процедура за негова екстрадиција во Македонија, каде го чека неиздржаната затворска казна.