Заврши ерата на Роман Абрамович, во која Челзи за 19 години освои 19 големи трофеи. Тод Боили е новиот сопственик на клубот од Стемфорд Бриџ.
Кој е Тод Боили, новиот сопственик на Челзи? Освен што тој е сопственик на бејзбол франшизата Лос Анџелес Доџерс?
Американски бизнисмен, инвеститор и филантроп. Така вели Тод Боили за себе. Боили е ко-основач, извршен директор и член на одборот на холдинг компанијата „Eldridge Industries“, а од октомври 2021 година тој е и вршител на должноста извршен директор на Холивудската асоцијација за странски новинари.
Потомок на германски имигранти во Америка, тој во светот на бизнисот е од 2015 година, кога учествуваше во основањето на компанијата 2Eldridge Industries“, има акции во бројни медиумски компании како „Холивуд Репортерс“, „Ролинг Стоун“, “Верати“ (меѓу другите) и „Дик Кларк продукција“. Сопственик е на осигурителна компанија и ко-сопственик на бројни компании од различни области на бизнисот, спортот, технологијата, прехранбената индустрија.
Што се однесува до спортот, тој има 20 отсто сопственички удел во Лос Анџелес Доџерс, а делумно е сопственик и на Лос Анџелес Спаркс, женски кошаркарски тим кој се натпреварува во ВНБА.
Со Марк Волтер, тој презеде 27% од акциите на Лос Анџелес Лејкерс во јули 2021 година. Лејкерси од февруари минатата година се проценети како трет највреден НБА тим со вредност од 5,14 милијарди долари.
Од 2017 до 2021 година, тој секоја година беше на листата на 500 највлијателни луѓе во светот во „ЛА Бизнис џурнал“.
Тој и неговата сопруга Кејти Боили активно учествуваат во бројни хуманитарни акции. Брачната двојка Боили има основано неколку организации кои им помагаат на младите и жените во бизнисот и образованието. Тој е особено горд на својата работа во организации кои се занимаваат со изнаоѓање лек за епилепсија и рак на простата.
Парите очигледно нема да бидат проблем кога Челзи и официјално ќе стане негов и на неговите партнери. Прашање е само какви интереси ќе има во самиот клуб и воопшто во англискиот фудбал. Видовме во неколку примери како може да влијае американска сопственост на клубовите во Премиер лигата.