Главниот воен командант на баталјонот Азов, кој до минатата недела се бореше во пристанишниот град Мариупол, е жив и здрав на територијата контролирана од Русија, изјавила неговата сопруга во кус телефонски разговор, пренесува Тајмс оф Израел.
Катерина Прокопенко, сопругата на водачот на Азов, Денис Прокопенко, вели дека нејзиниот сопруг ја прашал како е, но врската се прекинала пред тој да може да и каже нешто за себе.
Таа вели дека телефонскиот разговор бил возможен благодарение на договорот меѓу владите на Украина и Русија и благодарение на посредништвото на Црвениот крст кој посетил дел од украинските борци кои се предале. Претходно овој месец Русија објави дека го освоила Мариупол и дека борците кои се криеле во огромната фабрика за челик Азовстал се предале.
Катерина Прокопенко изјави за Асошиетед прес во Киев заедно со уште една сопруга на друг војник, Јулија Федосјук, дека договорот меѓу Украина и Русија гарантира правилно погребување на загинатите војници и одредени услови за воените затвореници, вклучително и дозволување телефонски разговори со членовите на семејството неколку пати неделно.
Жените рекоа дека неколку семејства добиле повици во изминатите два дена. Тие рекоа дека не можат да откријат повеќе детали за договорот, но се надеваат дека војниците нема да бидат мачени и на крајот „ќе се вратат дома“.
Да потсетиме, по освојувањето на Мариупол, командантот на баталјонот Азов беше изнесен од фабричката територија со специјален оклопен автомобил.
Клучните настани за предавањето на борците од Азовстал се случија пред неколку дена, кога од челичарницата беа извлечени повеќе од 260 ранети.
Украинските власти соопштија дека борците „ја исполниле својата мисија“ во разурнатиот Мариупол и дека нема начин да се „ослободи фабриката со воени средства.“ И заменик-командантот на Азов Свјатослав Паламар им се предал на Русите, пренесоа руските медиуми.