Фљора веќе нема да биде редовна пациентка на Клиниката за детски болести. Денеска ја испи првата таблета од лекот Калидеко. На лицето можеа да ѝ се забележат првите знаци на среќа поради пресвртот во нејзиниот живот. Се сретнавме со Фљора и денеска, но она што ни го привлече вниманието е дека за првпат веќе не го носи со себе апаратот за кислород.

-Многу сум среќна, бидејќи е обезбедена терапија за една година. Верувам дека веќе нема да ја прекинат. Многу сум возбудена. Не знам што да кажам, не можам да го опишам напливот на емоции-рече Фљора Гаши.

Фљора завршила медицина, а нејзиниот сон е да работи како физиотерапевт. Среќна е што од сега ќе може да учествува во разни активности со своите врсници.

-Секогаш ми беше мило кога ги гледав луѓето како работат, и јас сакав да работам. Можеби нема вака да размислувам кога ќе почнам да работам. Но, на почеток сакам да бидам добра со здравјето, да се опоравам и потоа да почнам да работам како физиотерапевт. Потоа не знам што ќе ми донесе животот.-истакна Фљора.

Фљора вели дека придонесот на медиумите за нејзиниот случај, значително ја забрзал ангажираноста на надлежните институции да го набават лекот, кој е прилично скап.

-Навистина многу влијаеше. Вие како ТВ21 направивте многу за мене-истакна таа.

Освен за Фљора, лекот Калидеко е обезбеден и за двете други пациентки, Драгана Ѓорѓиевска и Мерал Зекири. Лекот се покажал како доста ефикасен за лицата кои боледуваат од цистична фиброза.