Во едно од кафулињата во Приштина се откажале од проверката дали монетата од две евра е оригинална, бидејќи има голем број лажни банкноти и затоа што речиси е невозможно да се утврди дали е фалсификат.
Според келнерот Ендрит, на почетокот сите биле загрижени и проверувале дали паричката од две евра е лажна или не. Тој и неговите колеги ја изложувале паричката на светлина за да проверат дали е оригинал или фалсификат.
„Сега веќе не ни проверуваме. Можеби земаме лажни пари или можеби даваме лажни пари. Се е исто“, вели Ендрит.
Бројот на фалсификувани монети од две евра годинава е значително зголемен. Косово и Црна Гора не се во еврозоната, но сепак го користат еврото како своја валута.
Продавaчка во Приштина смета дека шест од 11-те монети од две евра во нејзината каса се лажни. Таа рече дека немала друг избор освен да ги прифати, бидејќи во оптек има големо количество лажни банкноти.
Приштинската полиција во првата половина од годинава открила 30.000 фалсификувани монети од две евра, додека во истиот период лани имало 4.451 фалсификувани монети од две евра.
„Квалитетот на фалсификуваните монети е од многу лош до многу добар. Некогаш лажните монети не беа магнетни, но сега се. Некогаш не беа толку тешки како вистинските, сега се тешки како вистинските монети“, рече експертката Вјолца Мавриќи.
Полицијата соопшти дека лани до обвинителството упатила 804 предмети поврзани со фалсификување пари, а од почетокот на годинава упатиле 486 предмети. Во април, маж и жена беа уапсени бидејќи се обиделе да внесат 10.600 лажни монети од две евра од Македонија.
На социјалните мрежи се нудат лажни монети или други банкноти на евра и се продаваат за 10 до 20 отсто од нивната номинална вредност.
Директорот на јавното претпријатие за паркирање во главниот град на Косово, Сокол Хаволи, истакна дека добивал толку многу лажни монети од две евра дневно што решил повеќе да не ги прифаќа. Банките и донираа уреди за идентификација на лажни монети на оваа компанија. Централната банка на Косово најави дека банките и другите финансиски институции треба да пријават фалсификувани пари што ги добиваат од клиенти.
Сепак, директорот на еден супермаркет во Приштина, кој одби да го открие својот идентитет, истакна дека е полесно да се дадат монети од две евра на други клиенти отколку да се ризикува кривично гонење со носење на монетите во банка. Како што рекол, монетите не ги носи во банка, бидејќи знае дека ќе повика полиција и дека може да биде уапсен, пренесува Ројтерс.