Ватерполо селекцијата на Хрватска го освои златото на неодамна завршеното Светско првенство во Доха и покажа дека е доминантна сила во тој спорт, бидејќи еден месец претходно стана и вицешампион на Европа. Главен виновник за овој успех на „коцкестите“ е легендарниот хрватски селектор Ивица Туцак (54), кој за повеќе од десет години на хрватската клупа освои две светски првенства (2017, 2024), ЕП во Сплит 2022 година, заедно со голем број медали од тие натпреварувања. Во текот на летото, тој ќе го предводи својот нов, подмладен и „освежен“ тим на Олимписките игри во Париз, кој ќе биде таму еден од главните фаворити за освојување на олимпиското злато.

Но, многумина не знаат дека пред дваесетина години доживеал страшна семејна трагедија – смртта на тригодишната ќерка Тена. Откако дојде Туцак до големиот трофеј, хрватските медиуми решија да се позанимаваат со тој немил настан. Имено, врз неа паднал автомат за играчки во градината на едно кафуле во Шибеник и се здобила со тешки повреди на главата, а апаратот што се активира со вметнување паричка, не бил легално поставен на јавна површина.

Иако речиси никогаш нема проговорено за големата трагедија, Туцак еднаш спомена како се случило тоа.

– Тоа е исклучиво моја приказна, не сакам да зборувам за тоа. Тоа е само моја трагедија и трагедија на мојата сопруга, наша заедничка. Зошто мораше да се случи и зошто на толку бизарен начин, нема одговор на тоа. Тоа беше едно од најубавите и најпаметни деца во светот. Само оние што преживеале такво нешто знаат за што зборувам. Се чувствував како некој да ми го кине живото месо. Беше голем шок во кој човек не може да разбере. Будењето по тоа беше болно, најболното што може да го доживее човек. Помина долго време, но до ден-денес не можам целосно да сфатам зошто мораше да се случи тоа. Кога ќе ти каже некој дека поминуваат раните, не е вистина. Тоа е лага. Чувствувам огромна празнина, се сеќавам на едно невино дете што го зауби животот поради нечија негрижа. Јас и жена ми секогаш ќе имаме спомени од тие години со неа. Раната никогаш нема да исчезне, нејзините слики се насекаде во станот, спомените се таму, но некако учиш да живееш со сето тоа. Знам дека не беше намерно тоа, моето дете беше убиено од невнимание – изјави Туцак за хрватските медиуми.