Полицијата вчера го пронајде телото на Одри Канингем, 11-годишното девојче кое исчезна на пат кон училиште, во реката Тринити, во Тексас.

„Го најдовме нејзиното тело во реката под автопатот 59“, рече шерифот на округот Полк Бајрон Лајонс.

Окружниот обвинител Шели Ситон на прес-конференција изјави дека се подготвува налог за апсење на Дон Стивен Мекдугал (42), кој моментално е во притвор. Тој беше уапсен во петокот, по други обвиненија.

Полицијата засега не соопштува детали за убиството на девојчето, освен дека се чекаат резултатите од обдукцијата.

Мекдугал, пријател на таткото на Одри, има долго криминално досие. Во 2007 година, тој беше осуден за „примамување дете во округот Бразорија, Тексас“. Тој беше осуден во 2010 и 2019 година за тежок напад со смртоносно оружје, пишува Си-Ен-Ен.

За време на исчезнувањето на девојчето, во потрагата се вклучил и Мекдугал, кој тропал на вратите на мештаните и прашувал дали ја виделе.

Минатата недела тој на социјалните мрежи изјави дека е невин.

„Бев таму, ме испрашуваа. Не бегам ниту се кријам. Направив се што можев да ја најдам. Не направив ништо лошо. Отидов и тропнав на вратите за да добијам информации”, напиша тој.

Мекдугал живее во приколка на семејниот имот и понекогаш ја носел Одри до автобуската станица, рече шерифот.

Нејзината куќа се наоѓа во близина на езерото Ливингстон. Мекдугал и Одри ја напуштија куќата околу 7 часот наутро во четвртокот и се упатија кон станицата.

Но, таа не се качи во училишниот автобус или не стигна до училиште.

Во петокот, полицијата го пронашла нејзиниот ранец во близина на браната на езерото, на околу 8 километри од местото каде што подоцна било пронајдено нејзиното тело.