Судот во Сараево донесе пресуда во случајот кој ја потресе јавноста во Босна и Херцеговина, по смртта на двегодишната Џена Гаџун, која почина по хируршка интервенција во приватна здравствена установа.
Според пресудата, тројца медицински работници се прогласени за виновни за несоодветно лекување и сериозни пропусти за време на медицинската интервенција, која првично била планирана како рутинска операција.
Интервенцијата се изведувала во приватна ординација во Сараево, по што дошло до сериозни компликации кај детето, вклучувајќи срцев застој и недостаток на кислород во мозокот. По итна реакција, девојчето било префрлено во болница, каде по неколку дена починало. Стануваше збор за рутнински зафат на очниот капак.
Судот утврди дека во текот на процедурата биле направени сериозни стручни пропусти, меѓу кои несоодветна примена на анестезија и недоволен мониторинг на виталните функции.
Пресудата предвидува затворски казни за обвинетите: за анестезиологот – 10 години затвор, за едната докторка – 4,5 години затвор, и 3 години затвор за другата докторка.
Судот го прогласи првообвинетиот, Суад Рожајац, за виновен за кривично дело против здравјето на луѓето и кривично дело небрежно лекување и го осуди на 10 години затвор. Исто така, му беше забрането да се занимава со медицина во траење од осум години.

Втората обвинета, Нина Јовановиќ, исто така беше прогласена за виновна и доби казна од четири години и шест месеци и ѝ е забрането да се занимава со медицина и да врши дејност шест години.
Третообвинетата, Јасмина Халимиќ (злоупотреба на службена положба), беше осудена на три години затвор. На Халимиќ и беше забрането и да се занимава со медицина во траење од три години.
Вкупно изречените казни изнесуваат околу 17 години затвор, а на обвинетите им е изречена и забрана за вршење лекарска дејност во одреден период.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста, како и дебата за безбедноста и надзорот во приватните здравствени установи. Родителите на девојчето и дел од јавноста бараа строга одговорност и системски промени во здравствениот сектор.


