Научници од Австралија и од САД ќе бидат дел од многу скап проект чија цел е „оживување“ на изумрениот тасмански тигар. Тие веруваат дека можат да го добијат првото живо младенче во следната деценија.

Тасманскиот тигар целосно исчезнал во 20 век. Последната позната единка угинала во 1936 година во Зоолошката градина „Бомарис“ во Хобарт во австралиската островска сојузна држава Тасманија. Животното наликувало на куче, со тело долго околу еден метар, со сиво-кафена боја и 12 до 14 црни попречни ленти на грбот. Женката раѓала 2 до 4 младенчиња. Животните живееле во Австралија, Тасманија и Нова Гвинеја.

Ендрју Паск од Универзитетот во Мелбурн изјави дека најавеното партнерство ќе им овозможи на научниците „големи чекори кон зачувување на загрозените торбари во Австралија и преземање голем предизвик“ за враќање на изумрените видови. Напорите ќе бидат потпомогнати и од работата да се идентификуваат торбари со слична ДНК, со цел да се добијат живи клетки.

„Со ова партнерство, сега верувам дека за 10 години би можеле да го добиеме нашето прво живо бебе од видот тасмански тигар, којшто луѓето го ловеле додека не бил истребен пред речиси 100 години“, рече Паск.

Ако научниците успеат во намерата, тоа ќе биде прво враќање на некој изумрен вид животни.