Шансите некој да се роди на 29-ти февруари се 1 наспрема 1.461. Овие шанси се менуваат во зависност од различни фактори. Според статистиките, 1 на секој 5-милионити човек е роден токму на овој ден. Но, тие најчесто кажуваат дека нивниот роденден им носи повеќе маки одошто радости бидејќи често имаат проблем со администрација и документи.

Околу 0,27 отсто од светската популација го слави својот роденден денеска, 29 февруари.

Иако ова може да изгледа како мал број, ако ја земеме предвид глобалната популација од околу осум милијарди луѓе, тоа значи дека сè уште има прилично голем број луѓе кои го имаат овој редок датум на раѓање – околу 21,5 милиони од нив.

Роденденот на 29 февруари носи и посебни предизвици, како на пример со осигурувањето. Осигурителните компании, банките и другите поголеми организации не го признаваат 29 февруари како законски валиден датум на раѓање. Родените на 29 февруари треба да изберат помеѓу 28 февруари или 1 март, пренесува CBC.

Многу веб-страници и разни електронски услуги воопшто не го нудат 29 февруари како датум на раѓање.

Редакцијата на Kajgana.com побара информација од Државниот завод за статистика за тоа колку граѓани на Македонија се родени на 29 февруари, меѓутоа оттаму добивме одговор дека „не располагаат со таква информација по датум“.

Славни луѓе родени на 29 февруари:

1468 Павле III — последниот папа од ренесансниот период.

1792 Џоакино Росини — истакнат италијански оперски композитор.

1784 Лео фон Кленце — прочуен германски неокласичен архитект.

1820 Луис Свифт — американски астроном, откривач на многу комети и маглини.

1940 Вартоломеј I — Цариградски патријарх.

1920 Благој Страчковски — македонски народен херој, учесник во НОБ.

1980 Рубен Плаза — шпански велосипедист.

2000 Феран Торес — шпански фудбалер.