Полицијата денеска приведе опасен криминалец, Муса Џавит од Батинци, кој пред еден месец избодел момче во Студеничани.
Од МВР соопштуваат дека тие прво презеле опсежни мерки и активности на оперативниот тим за потраги при СВР Скопје, осомничениот е лоциран и во координирана акција со повеќе тимови од интервентната полиција, буквално е направена опсада на Батинци и криминалецот е уапсен, иако се обидел да бега скокајќи од вториот кат на куќа, информираат од МВР.
„Денеска во 14:30 часот полициски службеници од Оперативен тим Потраги во содејство со Единицата за интервентна полиција-СВР Скопје во скопското село Батинци ги приведоа М.Џ. (21) и Р.Р. (24) од Батинци. М.Џ. бил баран со потерница во врска со чл.123 (убиство) од КЗ на РСМ. Кога ги забележале полициските службеници, М.Џ. и Р.Р. се обиделе да избегаат скокајќи од втор кат на куќа, каде биле лоцирани, но веднаш биле лишени од слобода“, велат од полицијата.
При преглед кај М.Џ. е пронајден пиштол со рамка и девет куршуми, како и поголема количина пари, а кај Р.Р. пронајдени се 27 куршуми. Лицата се приведени во полициска станица.
Неодамна полицијата уапси уште еден опасен криминалец од ова село познат како Мали Репки, инаку ортак на Муса Џавит.