Непознат измамник измамил дури шест семејства од Србија и Македонија за сместување во Грција!, објавија вечерва белградските медиуми.

Непознат маж продавал непостоечко сместување во Грција, а измамата на Фејсбук групата „Грчка инфо“ ја открила Наташа, која е администратор на групата. По првичната објава дека е измамено семејство од Србија кое дошло во Неа Пори со бебе, каде што дознале дека апартманот што го платиле не постои, почнале да се јавуваат уште неколку семејства.

Ова измамено семејство не е единственото. Според администраторите на страницата, шест семејства од Србија и Македонија наводно биле измамени.

Иако ваквите работи завршуваат со исчезнување на измамникот, под притисок на јавноста и обелоденување на преписките, како и потврда за уплатените пари, измамникот од Србија наводно почнал да ги враќа парите.

– Бидејќи и медиумите објавија за измамата (им благодарам за тоа), се чини дека ја разбрал сериозноста на ситуацијата и почнал да ги враќа парите. На две семејства вчера им вратил наводно 200 евра, а им ветил дека ќе му ги врати и на првично измаменото семејство во Неа Пори. Тој лаже дека е во Грција, а парите се даваат на негов човек во Србија кој наводно му бил брат. Претпоставката е дека тој не е во Грција, туку е во Србија и парите ги зема лично тој, додека т.н. брат воопшто и не постои. „Издава“ непостоечко сместување и сместување од страницата на Букинг од други сопственици. Апартманите чија цена на Букинг е 195 евра, тој им ги издава на луѓето за 65 евра, се наведува во објавата.

Засега не се знае дали бројот на измамени е конечен и дали парите се вратени на сите.