Германскиот голем трговски синџир „Лидл“ ја купил локацијата на „Бриколаж“ од компанијата „Скопски пазар“. Таму се очекува да никне првиот маркет на Лидл во земјава, кој нашите граѓани со нетрпение го очекуваат, а во меѓувреме масовно пазарат од маркетите на Лидл во Грција, но и во соседна Србија, се разбира кога ќе имаат прилика да ги посетат тие држави.

Дали се подготвува терен за отворање на првиот маркет на Лидл во земјава, или станува збор само за преселба на локацијата на Бриколаж, откако нивниот објект беше продаден, останува да се види.

Како што веќе има пишувано Фактор, во февруари 2021 година Лидл ја регистрираше својата компанија во Македонија, а ќе биде управувана од бугарската филијала. Тогаш објавивме дека оваа, една од најголемите компании во малопродажбата во светот, во земјава ја регистрираше подружницата Лидл Северна Македонија Дооел со седиште во скопски Центар и со паричен влог од 500.000 евра, според податоците од Централен регистар.

Сопственик е германската матична компанија ВЕ-Интернационал Цвајте ГмбХ од Некарзулм, но субјектот специјализиран за трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун ќе биде управуван од Софија, од бизнисмените Милена Емилова Драгијска, Бисер Борисов Инчовски и Љубомир Манолов Хрсев, објави тогаш Фактор.

Според описот на нивните надлежности и ограничувања, Лидл“ планира да вложи над 10 милиони евра во продавница и да купи земјиште поголемо од 10.000 квадратни метри.

Просечната нето плата во Хрватска изнесува 1.534 евра месечно

Како што објавија хрватските медиуми, Лидл лани во Хрватска исплатил просечна нето плата од 1.534 евра месечно. Тоа е дури 34 отсто или речиси 400 евра повеќе од годината пред тоа.