Емануел Макрон или Марин Ле Пен, кој ќе победи на претседателските избори во Франција?

Белгискиот медиум Ла Либре објави излезни анкети од изборите во Франција кои за нив ги спроведоа четири француски агенции. Според нив, победник е Емануел Макрон, кој добил меѓу 55 и 58 отсто, додека Ле Пен освоила меѓу 42 и 45 отсто од гласовите.

Но, дали ќе биде така?

Пред отворањето на избирачките места во недела наутро во Франција, оваа сабота први гласаа прекуокеанските гласачи и оние од странство, поради временската разлика. На прекуморската територија на островите Сен-Пјер-ет-Микелон, се одржа гласање за вториот круг, пред да започне и гласањето на Гвајана, Антилите, потоа Тихиот Остров и териториите на Франција во Индинскиот океан.

Резултатите, без разлика колку е мал примерокот, се многу интересни. Имено, додека пред пет години Емануел Макрон беше супериорен во однос на Марин Ле Пен, сега ситуацијата речиси целосно е променета. Имено, на овие територии Ле Пен добила 60 до 70 отсто од гласовите, додека Макрон не успеал да премине ниту 40 отсто.

Кога ќе се погледне колку занемарливо мал процент од тие територии гласале за нејзиниот татко Жан Мари Ле Пен пред 20 години, кого Ширак го „изеде“ на изборите, јасно е колку цврстата десница се зајакна во Франција и најде многу поширок круг на гласачи отколку што беше случај пред пет години, а камоли порано.