Марко Биговиќ (29) денеска е уапсен во северниот дел на Косовска Митровица под сомнение дека во раните утрински часови најверојатно со нож ги убил братот близнак Урош и таткото Милан (67), поранешен обвинител и познат адвокат.

Злосторството се случило во зграда на улицата „Крал Петар“, а според портпаролот на косовската полиција за северот на Косово, Братислав Радовиќ, на трагедијата и претходел семеен конфликт во кој учествувале двајцата браќа и таткото.

– Пет минути пред шест часот е добиена информација за конфликтот и двојното убиство во северна Митровица. На местото на злосторството пристигнала подрачна единица на косовската полиција, истрагата е во тек, а осомничениот е под надзор на полицијата – изјави за „Новости“ портпаролот Радовиќ, додавајќи дека убиството е извршено со ладно оружје.

Соседите во мугрите слушнале повици од станот на истакнатиот митровички адвокат Милан Биговиќ и повикале полиција, која набрзо дошла и наишла на ужасна глетка.

– Урош веќе беше мртов, додека Милан даваше знаци на живот и веднаш беше префрлен во Клиничкиот центар каде, за жал, почина. Имаше многу крв на подот од станот – изјави еден од соседите на Биговиќ, угледно семејство од северна Митровица.

И покрај обидот на лекарите да го спасат Милан, кој во здравствената установа бил донесен со тешки повреди на стомакот, односно црниот дроб и панкреасот, по реанимација која траела еден час, тој починал.

Никој од соседите и жителите на Митровица не може да погоди кој е мотивот за ова двојно убиство. Неофицијално дознаваме дека родителите на браќата близнаци веќе подолго време се разведени, дека едниот од синовите наводно живеел со татко му, а другиот со мајка му. Исто така, она што можеше да се слушне во градот е дека Марко тоа утро дошол во станот на својот брат и татко и дека прво го нападнал Милан, додека со нож го избодел својот брат додека се обидувал да го заштити тешко ранетиот татко.

– Никој не може да разбере што го навело младиот човек буквално да ги искасапи братот и татко му. – велат соседите.

Полицијата во станот го пронашла осомничениот за убиството. Како што неофицијално дознаваме, тој со раскрвавени раце стоел на едниот крај од собата и плачел. При апсењето не пружал отпор, но не зборувал, само липал. Телата на таткото и синот се пренесени на обдукција, која е извршена во Приштина, а роднините и пријателите утре ќе се простат од Милан и Урош на гробиштата во Рудар, кај Митровица.

Нема сведоци

Според досегашните информации, нема сведоци на злосторството, а истрагата ќе го покаже мотивот за ова двојно убиство. Инаку, убиениот Милан Биговиќ е угледен и познат адвокат на северот на Косово, кој пред да се пензионира бил висок јавен обвинител во Косовска Митровица, а извесно време бил и раководител на одделението на Судот за жалби во овој град. За него во градот имаат само пофални зборови, велат дека бил корисен и спремен да им помогне на сите.

Сослушување

Уапсениот млад човек кој ги убил татко му и братот, полицијата му одредила притвор до 48 часа. Според досегашните податоци од истрагата, тој најпрво го избодел татко си, додека неговиот брат близнак Урош се здобил со неколку убодни рани при обидот да го оттурне Марко и да го спаси татко му, од што починал на лице место.