За единствениот ограбувач на гробови кој не е во затвор, обвинителството побара притвор. Тројцата осомничени (од кои двајца се затвореници од Идризово кои биле на викенд) ја скршиле гробната плоча и барале да украдат златен ланец од вратот на покојната за кој што имале сознанија.
Соопштението на обвинителството гласи:
Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против лице на возраст од 30 години за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Осомничениот, заедно и по претходен договор со уште две лица, на 10.10.2021 година, околу 1 часот по полноќ, на Градските гробишта во Куманово со совладување на препреки, се обиделе да одземат туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат.
Тие со помош на рачен алат, лопати и ашов ја тргнале мермерната плоча со која бил покриен гроб, започнале да ја ископуваат земјата и дошле до ковчегот во кој се наоѓало тело на починато лице.
Осомничените го отвориле ковчегот и започнале да вршат пребарување на телото со цел пронаоѓање на златен накит, особено златен ланец за кој имале сознанија дека се наоѓа на телото на покојната, меѓутоа при пребарувањето не успеале да пронајдат ништо, поради што делото не го довршиле.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Постапка се води и против другите двајца осомничени, кои во моментов се наоѓаат во затвор на издржување казна за друго кривично дело.
Морбидниот кривичен настан за кој што вчера објави Телма ја вознемири јавноста бидејќи станува збор за вечно почивалиште на девојка која загина во сообраќајна несреќа предизвика од млад возач кој е на судење под обвинение дека го управувал завтомобилот под влијание на алкохол.
Целиот случај е контроверзен откако таткото на загинатата девојка беше приведуван од кумановската полиција под сомнение дека се обидел наводно да ангажира извршител на платено убиство, додека мајката пријавуваше дека била следена од сведок на сообраќајната несреќа во која ја загуби малолетната ќерка.