Поранешниот градоначалник на Центар и бизнисменот Владимир Тодоровиќ, останува во куќен притвор за случајот „Феникс“ односно за спонеиците од „Скопје 2014“. Кривичниот совет ги одби жалбите на Обвинителството за определување на ефективен притвор, но и на адвокатите, за укинување на мерките за претпазливост. Судиите изрекоа уште две дополнителни мерки. Истите мерки важат и за другиот осомничен, кој заедно со Тодоровиќ доби куќен притвор.

„Одлучено е по жалбите потврдени се решенијата на судија на претходна постапка и прифатен е предлог за обвинетите В.Т. и Т.Д. покрај мерката куќен притвор определени се дополнителни мерки – забрана за комуникација и 24-часовен надзор на куќниот притвор“, изјавија од Кривичен суд за „Макфакс“

Тодоровиќ е во куќен притвор повеќе од една недела, а мерката ја побара обвинителот Љубомир Лапе, кој објасни дека поранешниот градоначалник на Центар се сомничи за злоупотреба на службената должност и овластувања при изградба на 11 споменици од “Скопје 2014“.

Во истрагата на обвинителството „Феникс“ опфатени се 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои еден италијански државјанин и три италијански компании. Се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење на пари за изработка на најголемите споменици од „Скопје 2014“ – воинот на коњ, спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов – Ченто, Цар Самоил, Гемиџиите, Цар Јустинијан, прво заседание на АСНОМ и споменик за основачите на ВМРО и лавовите.

Меѓу осомничените се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска , поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски, поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев, како и поранешната градоначалничка на Центар Виолета Аларова.

На Владимир Здравев му беше одредена мерка притвор.