Се стравува дека се убиени повеќе од 26 луѓе откако милитанти отворија оган врз туристи на индиската територија Џаму и Кашмир во вторникот, објави локалната телевизија, што е најлошиот напад во овој хималајски регион последните години.
Нападот се случил во популарната дестинација Пахалгам, на околу 90 километри од градот Сринагар. Кашмир привлекува повеќе летни туристи бидејќи насилството се намали во последниве години.
Агенцијата France presse јавува дека загинале најмалку 26 лица. Локалните власти велат дека тоа е еден од најлошите напади врз цивили во последните години.
Премиерот Нарендра Моди го осуди инцидентот, ветувајќи дека сторителите ќе бидат „изведени пред лицето на правдата“.
Индија има околу 500.000 војници постојано распоредени во областа, иако борбите стивнаа откако владата на Нарендра Моди ја укина ограничената автономија на Кашмир во 2019 година.
Оттогаш индиските власти интензивно го промовираат овој планински регион како туристичка дестинација. Околу 3,5 милиони туристи го посетиле Кашмир во 2024 година, од кои повеќето биле индиски туристи, според официјалните податоци.
Кризата во Кашмир, единствениот индиски регион со мнозинско муслиманско население, датира од 1947 година, кога Велика Британија се повлече од регионот без да го реши статусот на областите таму, а Индија и Пакистан станаа независни по британската колонијална власт.
Во 1947 година, Пакистан и Индија влегоа во првата војна за Кашмир. Поради истата причина, двете земји повторно влегоа во војна во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, а Кина 20 отсто. Индискиот дел се нарекува Џаму и Кашмир и денес е единствената претежно муслиманска провинција во Индија.