Андриј Загородњук, поранешен министер за одбрана на Украина, вели дека Белорусија се подготвува да и објави војна на Украина, пренесува Гардијан.
– Многу е веројатно Република Белорусија да се приклучи на руската војна против Украина, на руска страна. Има информации за качување на десантни трупи од Република Белорусија во авиони за влез во Украина – изјави Загородњук, јави дописникот на Гардијан од Лавов.
Ова е ужасен развој на настаните бидејќи ја вклучува земјата, која до неодамна беше голем пријател на Украина, каде луѓето отсекогаш ја сметале Украина за братски народ. „Украина и Белорусија никогаш не биле во војна една со друга во нивната повеќевековна историја“, рече Загородњук.
Според него, Украина смета дека единствена причина за таа одлука било личното барање на претседателот на Белорусија, кој во својата политика е целосно зависен од Путин.
Ноќта меѓу саботата и неделата, руската армија влезе во Харков, вториот по големина украински град, на четвртиот ден од војната меѓу Русија и Украина.
Веста доаѓа во време кога руските власти изјавија дека се подготвени да преговараат со Украина во Белорусија. Украинските власти, вклучително и претседателот Володимир Зеленски, рекоа дека тоа не доаѓа предвид, но дека сакаат преговори на неутрална територија.