Турскиот министер за надворешни работи рече дека Шведска и Финска мора да престанат да ги поддржуваат терористичките групи во нивните земји, да обезбедат јасни безбедносни гаранции и да ја укинат забраната за извоз на Турција, доколку сакаат поддршка за нивното членство во НАТО. Говорејќи по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин, Мевлут Чавушоглу рече дека се сретнал со неговите шведски и фински колеги и дека сите тие се обидуваат да одговорат на загриженоста на Турција.
Тој додаде дека Турција никому не му се заканува, ниту има корист од актуелната ситуација, но особено зборуваше за поддршката на Шведска за курдската работничка партија (ПКК), која Турција ја смета за терористичка организација.
Финска денеска потврди дека ќе поднесе барање за членство во НАТО, а се очекува и Шведска да го следи примерот, како одговор на руската инвазија на Украина. Сепак, загриженоста на Турција може да биде пречка, бидејќи секоја одлука за влез во НАТО бара едногласно одобрение од сите 30 земји-членки.
„Тука мора да има апсолутно безбедносни гаранции. Тие мора да престанат да ги поддржуваат терористичките организации“, им рече Чавушоглу на турските новинари во Берлин. Шефот на турската дипломатија додаде дека Шведска и Финска мора да ја укинат забраната за извоз на некои производи во Турција.
„Нашата позиција е совршено отворена и јасна. Ова не е закана, тоа не се преговори во кои се обидуваме да ги наметнеме нашите интереси“, рече тој. „Ова, исто така, не е популизам. Очигледно станува збор за поддршка на две потенцијални земји-членки во тероризмот, и ние ги споделивме нашите јасни забелешки за тоа“, додаде тој.
Турскиот претседател Таип Ердоган ги изненади сојузниците на НАТО и скандинавските земји во петокот кога рече дека Турција не може да го поддржи проширувањето бидејќи Финска и Шведска се „дом на голем број терористички организации“, но неговиот портпарол во саботата рече дека Турција не ги затворила своите врати.
Чавушоглу повтори дека Турција, која влезе во НАТО пред 70 години, не се противи на политиката на отворени врати. Тој рече дека разговорите со шведските и финските колеги биле добри и дека тие дале предлози за да се смират легитимните грижи што Турција ќе ги разгледа.
Шефот на турската дипломатија истакна дека им доставил докази дека терористи живеат во нивните земји. Чавушоглу го повтори непочитувањето на Шведска кон позицијата на Анкара, истакнувајќи дека состаноци на ПКК се одржуваат во Стокхолм за време на викендот.