Откако руската армија попладнево доби наредба да ја прошири офанзивата во Украина и покрај зголемените меѓународни критики, тврдејќи дека Киев одбил да преговара, вечерва руските сили го бомбардираат вториот по големина град во Украина Харкив, а напаѓаат и во главниот град Киев, каде наидоа на жесток отпор.

– Денес, на сите единици им е наредено да ги прошират своите офанзиви во сите правци, во согласност со планот за напади, рече портпаролот на Министерството за одбрана Игор Конашенков, додавајќи дека проруските сепаратисти во источна Украина, поддржани од руската војска, пријавиле воени „успеси“.

Жителите на главниот град на Украина, Киев, вечерва се подготвуваат за уште една ноќ помината во подземните скривници, додека руските трупи се приближуваат кон центарот на градот, јави АП.

Во меѓувреме, лидерот на Украина, Володимир Зеленски, вети дека ќе продолжи да се бори против рускитe напади апелирајќи за поголема помош однадвор.

„Во тек е вистинската борба за Киев“, рече Зеленски во видео порака на социјалните мрежи обвинувајќи ја Русија дека напаѓа инфраструктурни и цивилни цели.

„Ќе победиме“, рече тој.

Како што јавуваат дописниците на АП од теренот, централниот дел на Киев е тивок ова попладне, иако се слушале спорадични пукотници. Борбите на периферијата на градот сугерираат дека помали руски единици се обидуваат да го исчистат патот за главните сили.

„Велика Британија и САД велат дека најголемиот дел од руските сили се на 19 милји (30 километри) од центарот на градот“, пишува АП.

Додека руската војска притиска во својата офанзива, мали групи на руски војници се веќе во Киев. Градоначалникот на главниот град, Виталиј Кличко, прогласи полициски час кој трае од 5 часот попладне денеска до 8 часот наутро во понеделник по локално време. Кличко посочи дека цивилите кои ќе се затекнат надвор во текот на полицискиот час „ќе се сметаат за членови на непријателските диверзантски и извиднички групи“.

Украинската амбасада во Скопје, во меѓувреме, сподели со медиумите соопштение од Министерството за надворешни работи на Украина во однос на лажните тврдења на Русија за геноцид како оправдание на воената инвазија.

Изминатите два дена светот продолжува да гледа невидена и брутална агресија на Руската Федерација против Украина, се вели во соопштението од украинското Министерство за надворешни работи.

Колона руски тенкови денеска беа забележани како се движат кон вториот по големина украински град Харкив, јавува Си-Ен-Ен, кој веста ја проследи со видео.

„Цел ден гледаме како се повеќе воена опрема се движи кон линијата на фронтот“, рече известувачот на CNN, Фредерик Плејтген.

Руските трупи уништија бетонска брана во Украина, пренесува Ројтерс.

Русите уништија брана изградена во украинскиот регион Керсон во 2014 година со цел да го прекинат протокот на вода кон Крим, изјави гувернерот на Крим Сергеј Аксјонов, цитирана од новинската агенција РИА.

Украина го прекина снабдувањето со свежа вода на Крим со блокирање на каналот кој обезбедуваше 85 отсто од потребите на полуостровот пред Москва да го анектира Крим.