Росица Кулакова, сестрата на загината Фросина, вели дека добила информација дека утре Сашо Дуковски, адвокатот на обвинетиот Васил Јованов, ќе објави видео на кое се гледа како Васил плаче над мртвото тело. Таа ги повика медиумите да не го објавуваат видеото.

„Познавајќи го неговото минато и адвокатски стил, јасна е целта на Дукоски: да го очовечи убиецот на сестра ми. Да покаже како вришти затоа што му е жал за Фросина, а тој всушност вришти затоа што знае што следи и што го чека него! Вришти затоа што знае што го чека со оглед на неговото криминално минато. Испраќам апел до сите медиуми видеото да не биде објавено, прво од почит кон починатата, а потоа и кон семејството како и кон целата јавност што е веќе доволно згрозена од оваа трагедија. Па не ли беше доволно хорор…“, се вели во писмото на Росица Кулакова.

По несреќата на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како Јованов над мртвото тело на Фросина извикува „што направив, што направив“.

На 29 јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, Јованов пијан, без возачка дозвола, на црвено светло, на пешачки премин ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино. Во нејзина чест, во сабота пак ќе има протест во Неготино. Протести веќе имаше во Скопје, Неготино и Кавадарци.

Обвинителството ќе истражува дали и родителите на Јованов имаат вина во случајот.