Одреден е 30-дневен притвор за малолетникот од село Сенокос прилепско, осомничен за убиството на 14-годишното момче, вчера вечер во Прилеп. Притворот го определи судија за деца, на барање на прилепското обвинителство. Сомнежите се дека меѓу убиеното момче и осомничениот имало меѓуврсничка нетрпеливост која кулминираше со убиство.

Во влезот од зграда лоцирана на ул. „Кузман Јосифоски“ во Прилеп осомничениот со умисла лишил од живот дете родено 2009 година, нанесувајќи му повеќе убодни рани со нож. Оштетениот успеал да избега, меѓутоа изгубил свест и подоцна им подлегнал на повредите.

Полицијата рано утрово го приведе во неговиот дом, заедно со уште едно 21-годишно момче, кое било сведок на настанот. Малолетникот, кој до смрт го избоде неговиот другар, пред полицијата го признал делото.

Иако мотивите за убиството сè уште не се познати, Телма дознава дека станува збор за меѓуврсничка нетрпеливост која тлеела подолго време меѓу убиениот и осомничениот, што доведе и до убиство. И двете деца се од исто село, претходно не се сторители на кривични дела.

„Полициски службеници од ОВР Прилеп, заедно со јавен обвинител, извршиле увид на местото на настанот, а по судска наредба бил извршен претрес во домот на малолетникот во с. Сенокос, при што биле пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело. Со малолетникот бил извршен службен разговор, во кој го признал делото, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него е поднесена кривична пријава по член 123 од Кривичниот законик“, вели Сања Стаматова, портпаролка на СВР Битола.

Убиството се случи вчеравечер околу 19 часот во влез на деветкатница во центарот на Прилеп. Трагите од крв сведочат за настанот кој ги потресе прилепчани. Четиринаесетгодишникот прво бил физички нападнат, а потоа неколку пат избоден со остар нож. Тој успеал да избега од напаѓачите, го преминал булеварот „Гоце Делчев“ и се срушил на тротоарот облеан во крв. Случајни минувачи повикале Итна помош која интервенирала околу 19:30 часот. Но, момчето не давало знаци на живот, по што било пренесено во прилепската болница. Безуспешни биле обидите на лекарите за негова реанимација. Обвинител побара обдукција на телото на 14-годишникот кој е убиен синоќа во центарот на Прилеп.