Сè уште е мистерија што се случи со исчезнатата жена од селото Челопек, за која се мислеше дека настрада во пожарот што на 4 август го зафати атарот на општината Старо Нагоричане, но по згаснувањето на пожарот, нејзиното тело не беше пронајдено, објавува Слободен печат.
Стојанка Стошиќ (60), родум од Србија, била во куќата на Борис Димковски во Челопек, со кого живеела во вонбрачна заедница, кога пожарот што беснееше во близина на селото, ја зафатил неговата и уште две соседни куќи. Димковски и други соседи рекоа дека ја виделе Стојанка како влегува во куќата пред таа да биде зафатена од огнот, а потоа куќата се урнала. Но, по пожарот багери го расчистувале теренот на пеплосаната куќа, како и околината, но не било пронајдено телото или остатоци од жената.
– Полицијата сè уште ја води жената како исчезната и го испитува случајот. По неа се трагало и во околината на селото, особено во опожарениот шумски дел, но безуспешно. Истрагата открила дека Стојанка, откако видела дека е во опасност, двапати ѝ телефонирала на својата сестра во Србија и ѝ кажала дека куќата ѝ гори. пишува Слободен печат.
Еден ден по пожарот во Челопек пристигнале роднини на Стојанка од Србија. Тие ги прашувале селаните и полицијата каде им е роднината, но уште никој не може конкретно да им одговори. Соседите велат дека Борис и Стојанка живееле заедно мирно и скромно повеќе од шест години.