Јавноста и блиски пријатели се збогуваат со трогателни пораки на социјалните мрежи со актерката Мајда Тушар, која почина завчера на 72 години, во Скопје. Веста за нејзината смрт ја објави Драмски театар, каде таа членуваше цели 43 години.
Освен што ја спомнуваат по нејзините театарски и филмски улоги, по ведриот дух и човечноста, нејзини блиски се простуваат со неа со зборовите дека сега таа е повторно заедно со нејзиниот син Вардан, кој почина пред околу три години. Неговата ненадејна смрт, велат ја скршила, но Мајда продолжила да си ја носи болката како тешка планина на грбот.
-Сега си повторно со својот Вардан, се дел од пораките под нејзината фотографија.
Вардан Чучков и беше познат на јавноста како Сталкер Стар, име под кое компонираше и издаваше музика со години наназад.
По неговата прерана смрт, Мајда како еден вид на збогување со синот објави емотивни зборови, кои никого не оставија рамнодушен.
-Кога заминуваат оние кои немале време да се подготват за патување, ништо на паѓа од небото. Ѕвездите продолжуваат да сјаат со ист сјај… Нема никакви знаци, претскажувања… Ноќта и денот според истиот редослед се менуваат.
И се чини дека се е во ред, луѓето околу нас со ист чекор одат, цврсто се држат за стварноста, за да го зачуваат тлото под нозете. За она кое го нарекуваме сигурно, да не се помести. Да бар она по кое одиме не се измести, да не си се спушти на очи… Така занемени, бар едно чуло да ни остави. Кога заминуваат оние за чии патувања немавме време да се спремиме, уште не верувајќи, мислите и сеќавањата од нив ги отргнуваме. Крадеме моменти, да не ги понесат со себе, и плачејќи по нивните куфери претураме, да она кое наше го нарекуваме, никако на пат не замине. Да не им се преполнат куферите со нашите сеќавања. Нивниот багаж да не биде претежок. А тежината, таа нам нека ни остане – објави актерката.
Често објавуваше фотографии и авторски песни од синот, но и од неговата мачка, за која пишуваше дека останала да живее пред нивната зграда, а таа секој ден излегувала да ја нахрани.