Меѓународната фудбалска федерација ФИФА го одржа својот конгрес во Доха.
Светската фудбалска јавност очекуваше одлука за целосно исклучување на Русија од сите фудбалски натпреварувања, но ФИФА изненади со одлуката. Суспензијата ја заработија три фудбалски федерации, меѓу кои не е руската.
Пакистан, Зимбабве и Кенија се исклучени на неодредено време. “Советот на ФИФА одлучи да ја суспендира Кенија. Причината е мешање на трета страна и преземање на Федерацијата од страна на владата, што сериозно ги крши статутите на ФИФА. Затоа, се предлага Конгресот да ја потврди суспензијата на Кениската фудбалска асоцијација. “, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, додавајќи:
„Исклучувањето на Руската фудбалска федерација од ФИФА не е опција. Ако не работиме на зближување на луѓето во нашите разговори и договори, тогаш најдобро е да не правиме ништо. Можам само да ги повикам лидерите на дијалог и да го смират конфликтот. Исклучувањето на руската репрезентација и клубовите не беше лесно.
Да потсетиме, на крајот на февруари, ФИФА и УЕФА одлучија да ги суспендираат сите руски клубови и руската репрезентација од сите натпреварувања до понатамошно известување поради руската инвазија на Украина. Од кошаркарската Евролига се исфрлени и руските клубови, а Русија остана без Формула 1, скијачки трки, не е домаќин на Лигата на шампионите …
„Одлуката ја донесоа највисоките тела на ФИФА и УЕФА. Фудбалот е обединет во оваа ситуација. Ние сме со луѓето во Украина кои се погодени од оваа ситуација. Се надеваме дека ситуацијата во Украина ќе се подобри и дека фудбалот повторно ќе биде показател за мир и единство меѓу народите“, се вели во соопштението. УЕФА исто така објави дека го раскинува договорот со руската нафтена компанија Газпром.