Српскиот сеизмолог Славица Радовановиќ за РТС изјави дека земјотресите што се случиле во Романија, а биле почувствувани и во Србија, биле во област каде последниот земјотрес со таква јачина бил во 1940 година и каде имало долгорочна акумулација на сеизмичка енергија, имајќи предвид дека пред тоа се случил земјотрес неколку века порано.

– Кога се случи турскиот земјотрес, беше неопходен само мал прилив на сеизмичка енергија за да се активира фокусот. Да немаше турски земјотрес, романскиот ќе се случеше можеби само година-две подоцна, но сигурно ќе се случеше – изјави Славица Радовановиќ во емисијата Таковска 10.

Таа додаде дека може да се каже дека турскиот земјотрес, како исклучително моќен, со силна магнитуда што е на самиот врв за континентални земјотреси, бидејќи се смета дека тие можат да бидат и до осум единици по Рихтеровата скала кога тие се на континентите, ги забрзаа земјотресите во Романија, но го испровоцираа и земјотресот што истиот ден се случи кај Петриња во Хрватска.

– Овој земјотрес заедно со земјотресите што се случија на подрачјето на источниот Медитеран. Последните што ги паметиме се два земјотреси во Албанија и Хрватска, а пред тоа цела серија земјотреси во една деценија во Италија, сите заедно зборуваат за тоа дека целата област на источниот Медитеран влезе во време на зголемено сеизмичка активност и дека земјотреси со максимална магнитуда ќе се случат во различни епицентрални зони на ова подрачје – изјави Радовановиќ.

„Зголемената сеизмичка активност ќе трае неколку години“

Таа посочи дека зголемената сеизмичка активност ќе трае неколку години.

– За нас сеизмолозите, месеците не претставуваат временска основа. Секогаш зборуваме за неколку години, а најчесто велиме дека вакви настани се можни во следните десет години, бидејќи на крајот на краиштата, сите тие притисоци низ Земјата се пренесуваат многу побавно од нашите стравови – изјави Славица Радовановиќ.

На прашањето колку силен земјотрес може да се очекува во Србија, Радовановиќ објасни дека Србија може да ја погоди земјотрес со максимална магнитуда од 6 степени според Рихтеровата скала.

– Веднаш да кажам дека ваквото поместување е е 100 пати помало од турското. Па да се разбереме, споредено со турскиот земјотрес тоа би бил слаб земјотрес, но би бил силен и посилен од земјотресот во Краљево. Ако зборуваме за Бугарија, каде исто така одамна немало силни земјотреси и голема е веројатноста дека и таму ќе се случат силни земјотреси, тоа се некои магнитуди кои достигнуваат и до 7 единици по Рихтеровата скала, но овие земјотреси се поврзани со некои погранични области меѓу Србија и Македонија и би можеле да имаат влијание врз јужните делови на Србија – рече Славица Радовановиќ.

Таа објасни дека разликата меѓу единиците на Рихтеровата скала е логаритамска и дека земјотрес со јачина од 7 степени е десет пати посилен од земјотрес со јачина од 6 степени.

Мала разлика во магнитудата подразбира голема разлика во моќноста

Кога се споредуваат магнитудите на земјотресите, треба да се запомни дека скалата е логаритамска, што значи дека секој следен степен на неа укажува на многу поголема разлика во јачината во однос на претходната.

Имено, поради логаритамската основа на магнитудата, секое зголемување за една единица претставува десеткратно зголемување на амплитудата. Во однос на енергијата, која е во тесна корелација со разорната моќ на земјотресот, секое зголемување на единицата магнитуда одговара на зголемување на ослободената енергија за околу 32 пати, а зголемувањето од 0,2 одговара на приближно двојно зголемување на ослободената енергија. Со други зборови, првиот земјотрес во Турција со јачина од 7,7 степени е околу двојно посилен од вториот, кој беше со јачина од 7,5 степени.