Притисокот во гасоводот Северен поток 2 кој требаше да ги удвои испораките на руски гас за Германија, нагло падна во текот на ноќта, изјави портпаролот на операторот, посочувајќи го истекувањето на гас како можна причина.
Веднаш беа известени властите во Германија, Данска, Шведска, Финска и Русија, додаде Улрих Лисек, портпарол на швајцарскиот оператор.
Во ноќта од недела кон понеделник притисокот во делот на гасоводот кој минува низ морското дно од 105 паднал на седум бари.
„Дефинитивно има дупка некаде, но никој не знае каде“, рече Лисек, додавајќи дека истрагата е во тек.
Никој не ја знае причината
Од германското министерство тврдат дека не ја знаат причината. „Во моментов сме во контакт со регулаторите за да се разјасни ситуацијата. Причината и точните факти сè уште не се јасни“, се вели во соопштението на Министерството за економија.
Компанијата која управува со гасоводот тврди дека гасот не истекува во Лубмин, во северна Германија.
„Ако протече во Лубмин, ќе го слушнете“, рече портпаролот.
„Газпром“ соопшти дека прашањата за инцидентот треба да се проследат до операторот, кој побарал заштита од доверителите пред судот во Швајцарија. Судот неодамна му го продолжи рокот за финансиско реструктуирање.
Што е Северен поток 2?
Гасоводот Северен поток 2 требаше да испорачува руски гас преку Балтичкото Море до Германија и беше завршен на крајот на минатата година. САД се спротивставија на тоа, тврдејќи дека тоа ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот гас. Украина исто така го критикуваше, жалејќи се дека ќе изгуби приход од транзитот на рускиот гас.
Германија „го стави на мраз“ поради руската инвазија на Украина и се обидува да најде нови извори за снабдување со гас. Во времето кога германскиот канцелар Олаф Шолц го блокираше поради руската инвазија на Украина, во гасоводот се чекаше испорака на 300 милиони кубни метри гас, наведува Reuters.
Гасоводот ги собра на едно место руски Газпром, германски Е.ОN и Wintershall Deau, холандски Gasunie и францускиот Engie, но многу партнери се откажаа поради руската инвазија на Украина.