Норвешка треба да ги исклучи вакцините против ковид-19 од производителите „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“ од својата програма за вакцинирање поради ризикот од штетни несакани ефекти, објави владината комисија.

Оние кои сакаат доброволно да примат една од двете вакцини, ќе треба да можат да го сторат тоа, додава Комисијата.

Властите ја прекинаа вакцинацијата со АстраЗенека на 11 март откако мал број помлади вакцинирани лица биле хоспитализирани поради комбинација на згрутчување на крвта, крварење и мал број на тромбоцити, од кои некои подоцна починале.

Норвешкиот институт за јавно здравје на 15 април соопшти дека вакцинацијата со АстраЗенека треба целосно да се прекине, но владата наместо тоа повика на понатамошно испитување, вклучително и на вакцините J&J, кои допрва ќе се воведуваат во земјата.

„Владата ќе го искористи ова како основа за одлука, со препораки од Институтот за јавно здравје дали да ги користи овие вакцини“, рече министерот за здравство Бент Хои на прес-конференција.

Една студија во Данска и Норвешка открила малку зголемено ниво на згрутчување на крвта кај луѓето кои ја примиле првата доза на AstraZeneca, вклучително и згрутчување на крвта во мозокот, во споредба со очекуваните нивоа кај општата популација.