Луѓето чиј ген e кодиран за А крвната група имаат 16 отсто поголеми шанси да доживеат мозочен удар пред 60-тата година од животот. Луѓето со една од крвните групи А имаат поголема веројатност да доживеат мозочен удар пред 60-годишна возраст во споредба со оние со други крвни групи, според истражувањето објавено во списанието Neurology, пишува Science Alert.
Крвните групи ја опишуваат богатата разновидност на хемикалии прикажани на површината на нашите црвени крвни зрнца. Најпознати се А и Б, кои можат да бидат присутни заедно како АБ, поединечно како А или Б, или воопшто да не се присутни – тоа е крвната група 0. Но, дури и во овие главни крвни групи, постојат суптилни варијации кои произлегуваат од мутации во одговорните гени.
Во студија од 2022 година, истражувачите по геномика открија јасна врска помеѓу генот на подгрупата А1 и мозочниот удар со рана појава. Податоците беа собрани од 48 генетски студии, кои опфатија околу 17.000 луѓе со мозочен удар и речиси 600.000 луѓе од контролна група без мозочен удар. Сите кои учествувале во истражувањето биле на возраст од 18 до 59 години.
Друга анализа на специфични типови на гени на крвната група покажа дека луѓето чии гени се кодирани за варијацијата од типот А имале 16 отсто поголеми шанси да доживеат мозочен удар пред 60-тата година од животот. Но, научниците забележале и дека дополнителниот ризик од мозочен удар кај лицата со крвна група А е мал, па затоа нема потреба од дополнителна претпазливост или скрининг кај споменатата група.
– Сè уште не знаеме зошто крвната група А би претставувала поголем ризик, но веројатно е поврзана со факторите на згрутчување на крвта, како што се тромбоцитите и клетките што ги обложуваат крвните садови, како и другите циркулирачки протеини. Имено, сите тие играат улога во развојот на згрутчување на крвта – објасни васкуларниот невролог Стивен Китнер од Универзитетот во Мериленд.
Порталот Science Alert пишува дека во САД годишно нешто помалку од 800.000 луѓе доживуваат мозочен удар. Повеќето од нив – околу три од четири – се јавуваат кај луѓе над 65 години, со ризици кои се удвојуваат секоја деценија по 55-тата година.
– Јасно е дека ни требаат повеќе последователни студии за да се разјаснат механизмите на зголемениот ризик од мозочен удар – рече Китнер.
Друга важна студија ги споредила луѓето кои имале мозочен удар пред 60-та година со оние кои го имале по 60-тата година. Во овој случај, користен е збир на податоци од околу 9.300 луѓе постари од 60 години кои имале мозочен удар и околу 25.000 контролни луѓе над 60 години кои немале мозочен удар. Се покажа дека зголемениот ризик од мозочен удар во крвната група А е незначителен кај групата со доцен почеток, што укажува на тоа дека мозочните удари кои се јавуваат на рана возраст може да имаат различен механизам во споредба со оние што се случуваат подоцна.
– Мозочниот удар кај помладата популација е со помала веројатност да биде предизвикан од таложење на масни наслаги во артериите (атеросклероза). Поголема е веројатноста да биде предизвикан од фактори поврзани со формирање на згрутчување, велат авторите на студијата.
Генетската низа за крвните групи А и Б е исто така поврзана со малку поголем ризик од згрутчување на крвта во вените (венска тромбоза).