Бројот на младите меѓу двата пописи, оној од 2002 и последниот од 2021 година, се намалил за шест отсто покажаа анализите од „Младите и пописот на населението“ и „Финансирање на младинските политики“ кои денеска беа промовирани во рамки на конференцијата „Младински состојби и финансирање на младинските политики во Северна Македонија”, организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).
Според Законот за млади, 0,3 отсто од вкупниот Буџет на државата треба да се издвои за спроведување на политики за млади, како и 0,1 отсто од буџетот на секоја општина, но тоа не се случува во пракса, потенцираат истражувачите. Сугерираат и дека Агенцијата за млади и спорт, која располага со овој буџет, повеќе пари наменува за спорт, отколку за спроведување наполитики за млади
Петар Бардакоски претседател на Младински образовен форум, еден од авторите на анализата за млади и попис, вели дека она што оваа анализа го покажува е тоа дека Македонија има сериозен проблем кога станува збор за младинската миграција, задржување на младинското население, но и општото стареење на самото население.
– Според она што го увидовме од самите податоци кога би направиле споредба со Пописот од 2002 година вкупниот број на млади изнесува 24 отсто, а сега според пописот од 2021 година, 18 проценти, што претставува пад од 6 отсто. Меѓутоа, 77.000 млади луѓе кои биле родени во оваа држава повеќе не се резиденти. Имаме огромен пад на младинското население во општините, скоро сите бележат пад на младинското население, освен Општина Липково каде што имаме пораст од 2 проценти. Во однос на тоа каде живеат младите луѓе 58 проценти од младите луѓе во сдржавата живеат во урбани средини, додека 42 отсто живеат во рурални средини – вели Бардакоски.
Според него, она што треба да го направи државата за да ја спречи младинската миграција е да донесе долгорочна стратегија која ќе придонесе за намалување на миграцијата, а ќе предвидува подобрување на образованието, вработувањето и општата функционалност на самите институции.