Во видеата до кои дојде „360 степени“ се гледа како голем број полициски возила се обидуваат да го пресретнат возилото на бегалецот на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и „Трета македонска бригада“ во скопската општина Аеродром
Околу полноќ, жителите на скопски Аеродром, во близина на кулите „Џеваир“ на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и „Трета македонска бригада“ беа сведоци на вистинска бркотница помеѓу припадниците на полицијата и бегалец од затвор кој бил баран со потерница. Во видеата до кои дојде „360 степени“ се забележува како полициските возила пресретнуваат одредено возило во кое се наоѓале бегалецот и уште неколку други лица.
Од Министерството за внатрешни работи за „360 степени“ го потврдија случајот, велејќи дека околу полноќ било приведено лицето Д. Д. од Скопје, кое било барано со потерница по судска наредба за доиздржување на казна затвор. При извршен преглед кај него била пронајдена и одземена марихуана.
„Околу 23.30 часот на подрачјето на Драчево полициски службеници го забележале Д. Д. во патничко возило ‘алфа ромео’ во кое имало уште две лица. Тој на даден знак не застанал, туку продолжил и кога стигнал во населбата Горно Лисиче, удрил со возилото во бандера. Во возилото биле затекнати и приведени А. А. (23) и уште една 17-годишна малолетничка, која е предадена на родител. Д. Д. ќе биде предаден на надлежната казнено-поправна установа, а ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци“, велат од МВР.