Едномесечен притвор ѝ е изречен на Албанката Клевиша Имери (29), објави хрватскиот портал 24 сата. Таа е осомничена дека ја предизвикала сообраќајната несреќа на Јадранската магистрала кај Дубровник во која загинаа Стјепан (21) и Катарина Џерек (19), брат и сестра.

До несреќата дошло кога Албанка непрописно го престигнала возилото пред себе и директно се судрила со автомобилот во кој биле братот и сестрата. Според неофицијални информации таа со својот џип БМВ возела околу 170 км/ч, објави 24 сата.

Загинатите брат и сестра

Албанката во несреќата се здобила со полесни физички повреди на абдоминалниот ѕид, поради што е задржана во болница. Потоа била уапсена за кривично дело предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици, а во меѓувреме била под полициски надзор.

– Едномесечен истражен притвор и е одреден на државјанката на Албанија поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело предизвикување сообраќајна незгода во патниот сообраќај во која загинаа две млади лица – изјави Перо Милоглав, истражен судија и портпарол на Жупанискиот суд во Дубровник. Тој додаде дека не е прифатен предлогот на одбраната притворот да се замени со мерка на претпазливост.

Поради сето ова од 10 до 13 април во општина Градац беа прогласени денови на жалост. Знамињата беа спуштени на половина копје. Во кафулињата кои работат во ова мало далматинско гратче, музиката престана. Како што дознаваме, девојчето учело во средно училиште во Дубровник, а во средата ја земал нејзиниот брат и се враќале дома. Таа беше матурантка, учела за да стане медицинска сестра.

Имери е многу активна на социјалните мрежи, и има 13.800 следбеници на Инстаграм, 33.000 на Тик Ток, но сите профили во моментов се затворени. На Инстаграм сака да го истакнува својот луксузен живот, па објавува фотографии од туристичките дестинации кои ги посетила, брендирана облека и чанти, а омилени автомобили и се теренците со кои често позира. Како што дознаваме, Имери и порано доаѓала во Хрватска, особено во летните месеци.