Ако се исполнат најлошите стравувања на Европа, конфликтот во Украина да се прошири на останатите руски соседи, Финска ќе биде подготвена, пишува Financial Times.
Финска има залихи најмалку за 6 месеци од сите важни горива и житарки во стратешки резерви, додека фармацевтските компании се должни да имаат залихи од сите увезени лекови за период од 3 месеци до 10 месеци.
Има цивилна одбрана, сите големи згради мора да имаат нуклеарни скривници. Останатото население може да ги користи подземните паркинзи и простори кои се подготвени за претворање во центри за евакуација.
Има и борци. Скоро третина од возрасното население се резервисти, што значи дека Финска може да ја користи една од најголемите армии во однос на својата големина во Европа.
„Нашето општество е подготвено и за оваа ситуација се обучуваме уште од Втората светска војна“, вели Тити Тупуринен, фински министер во ЕУ.
По осум децении првин во сенка на Советскиот Сојуз, а сега и на Русија, опасноста од војна во Европа не ја изненади Финска. Но, тоа што оваа земја го нарекува стратегија за „сеопфатна безбедност“ е пример како сите земји можат да создадат ригорозни системи за заштита на своите општества однапред не само од потенцијален конфликт со друга земја, туку и од природни катастрофи, пандемија или сајбер напади.
Не станува збор само за воена опасност, туку и за сигурност дека законите и правилата ќе функционираат и во време на криза. Со својата граница од 1.340 км колку што ја дели со Русија, Финска е многу ранлива на напади и првпат во историјата повеќето Финци поддржуваат поднесување барања за членство во НАТО.
Но, земјата од 5.5 милиони жители исто така гледа потреба да ја одржи и унапреди својата национална стратегија. Голем дел од подготвеноста на Финска произлегува од нивната сопствена војна со Москва, Зимската војна (1939 – 1940).
„Не сме заборавиле, тоа е во нашата ДНК“, вели претседателот Саули Нинисте, укажувајќи на анкетите кои покажуваат дека околу три четвртини од Финците се спремни да се борат за својата земја.
Финска има воена сила од околу 280.000 луѓе и 900.000 обучени резервисти. Дури и по завршувањето на Зимската војна продолжи да ги регрутира сите мажи кои го завршиле своето образование.