Клубот на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола бил запален изутринава, а од објавените фотографии се гледа дека е опожарена влезната врата. Според информациите во медиумите, во внатрешниот дел не биле причинети никакви штети.

Од Министерството за надворешни работи веднаш излегоа со реакција осудувајќи го „вандалскиот чин“.

„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува актот на намерно палење на влезот на здружението Иван Михајлов во Битола. Ваквиот вандалски напад е уште еден доказ дека има многу актери кои се против постигнувањето на напредок во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и нашата заедничка европска иднина“ се вели во соопштението.

Од МНР додаваат и дека надлежните органи веќе прават напори да откријат кој стои зад подметнатиот пожар во Битола.

„Ова кривично дело не случајно е извршено на денешен ден, кога двете држави ќе остварат дијалог во функција на надминување на отворените прашања на патот на евроинтеграцијата на Северна Македонија. Надлежните органи на државата прават напори за откривање на сторителот на овој вандалски чин“, посочуваат од МНР.

ОЈО: Издадени наредби за откривање на сторителите во опожарениот културен центар во Битола

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, заедно со екипи на СВР Битола, утрово извршија увид на лице место на опожарен објект – центар за култура „Ванчо Михајлов“, информираат од ОЈО Битола.

„Првичните наоди од увидот упатуваат дека е опожарен влезниот дел од објектот. Подигнати се траги од лице место за кои јавниот обвинител издаде наредба за вештачење, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство“, се вели во соопштението.

Од Јавното обвинителство додаваат и дека со цел откривање на сторителите, веднаш ќе се издадат наредби за обезбедување на снимките од безбедносните видео камери, но и на околните камери.