Возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци, се пропишува во предложените измени на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој е во собраниска процедура и во кој за непочитување на законските одредби се предвидени глоби од 80 до 120 евра.

Ако двајца или повеќе возачи на електричен тротинет се движат во група, се пропишува во измените, тие се должни да се движат еден зад друг.

Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, возачот на електричен тротинет е должен да го управува возилото по десната велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот.

На велосипедска патека, велосипедска лента, тротоар или пешачка патека, уредени и обележани за сообраќај на електрични тротинети во двете насоки, тие се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата.

Возачот на електричен тротинет, се вели понатаму во измените, може да се движи само по оние сообраќајни површини каде што е дозволено движење со такви возила.

Возачот на електричен тротинет не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 км/ч.

Возачот на електричен тротинет не смее да се движи по тротоар, пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци, со брзина поголема од 6 км/ч.

Возачот на електричен тротинет е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

Електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години возраст.

Возачот на електричен тротинет не смее да превезува други лица за време на управување со возилото.

Возачот на електричен тротинет треба да носи заштитен шлем на главата за време на управувањето на возилото.

Возачот на електричен тротинет од првиот самрак до потполно разденување, како и во услови на намалена видливост, должен е да носи рефлектирачки елек за време на управувањето на возилото.

Возач на електричен тротинет за времето додека управува со возилото не смее да води животни.