Антителата создадени по примањето на кинеската вакцина „Синовак“ против Kовид- 19 паднаа под клучниот праг околу шест месеци по втората доза кај повеќето од оние кои ја примија, додека третата доза имаше силно стимулирачко дејство, се наведува во една лабораториска студија.

Кинески истражувачи ги објавија наодите од студијата базирана на примероци од крв земени од здрави возрасни лица на возраст од 18 до 59 години, пренесува Ројтерс.

Меѓу учесниците кои примиле две дози, во растојание од две или четири недели, само 16,9, односно 35,2 проценти, имале и понатаму неутрализирачки антитела што биле над она што истражувачите го сметале за праг што може да се открие шест месеци по втората доза, се вели во студијата.

Индонезија и Тајланд веќе одлучија да дадат вакцини „Модерна“ и „Фајзер“, како трета доза, на некои луѓе кои биле целосно вакцинирани со „Синовак“, поради загриженост за ефикасноста на вакцината на Синовак против многу преносливиот делта сој.

Турција започна да нуди трета доза „Синовак“ или „Фајзер“ на некои луѓе кои примиле вакцина „Синовак“.

На крајот на јуни, „Синовак“ испорача повеќе од милијарда дози вакцини, кои се клучни за имунизација во Кина, Бразил, Индонезија и Чиле.