Љупчо Палевски – Палчо на денешното рочиште ги опиша лицата со кои, според Обвинителството, соработувал во организацијата на киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За четворица од обвинетите даде свои карактеристики, додека за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, рече дека првпат слушнал кога го видел неговото име во кривичната пријава.

„Александар го запознав во обвинителниот акт. Никогаш претходно немав контакт со него“, рече Палевски.

За Влатко Кешишев, Палевски кажа дека бил домаќин во партијата, „патриотски расположен, политички неук, но стабилен и чесен Македонец кој ја сака Македонија“.

Велибор Манев, според Палевски, бил амбициозен, но и „алчен за пари“. Опиша неколку конфликти во партијата поврзани со финансии, вклучително и позајмица од 1000 швајцарски франци од човек по име Трајче Петрушев, која, како што рече, на крајот била вратена.

Loading...

„Имаше агресивен испад. Јас морав да интервенирам за да нема расправии и компромитација“, рече Палевски за Манев.

Боре Видевски, пак, го опиша како скромен и дисциплиниран, со кого немал посебен контакт надвор од партискиот ангажман.

„Целото познавање со него беше исклучиво партиско“, додаде тој.

Изјавата доаѓа во момент кога судењето за двојното убиство влегува во завршна фаза со директни сослушувања на обвинетите.

Loading...