На 83 години вчера почина народниот уметник, фолкористот Димитар Узунски. Веста ја соопшти секретарот на здружението ,,Копачка”, Перса Стојановска која истакна дека Узунски ја загубил битката со болестите.

-Со неизмерна тага и болка соопшуваме дека нашиот драг претседател Димитар Узунски, ја загуби битката со болестите и не напушти засекогаш. Неговото заминување несомнено ќе биде само телесно, додека неговиот дух ќе остане вечно да живее во неговите дела кои ќе сведочат за неговиот живот во кој се даде себеси со несебично, крајно одговорно, со целосна посветеност во негувањето, трансмисијата и одржливоста на пијанечкиот фолклор а пред се на орото „Копачката”, рече Стојановска.

Со негова заслуга како што додаде „Копачката” во 2014 година беше прогласена за национално културно наследство со особено значење од исклучителен интерес, а воедно и беше впишано во УНЕСКО, во Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на човештвото.

-Димитар Узунски е роден на 22.09.1938 година во село Тработивиште, општина Делчево. Завршил Педагошка академија група музичко воспитување во Скопје.

Над 50 години ја раководи ФГ КОПАЧКА с. Драмче и со неа има бројни настапи во земјата и странство како пејач, организатор, инструменталист и играорец. Кога го предаваше архивскиот материјал за негова национална и светска заштита во Министерството за култура, рече: „Ви го давам срцето”, додаде Стојановска.

Узунски како надворешен соработник на Институтот за фолклор до длабока старост се занимаваше со собирачка активност.

-За МТВ имаше учествувано во повеќе емисии, а за радио Скопје снимил 40 изворни пијанечки народни песни. За програмата на РТДелчево, за 12 години подготвил над 400 емисии, за серијата емисии „Од фолкорното богатство на нашето поднебје”. Објавил три монографии: „Разловци”; „Дедо Митко- ороводецот на Копачката” и „Копачката, чекор по чекор до УНЕСКО- мојот живот со Копачката”, додаде секретарот на ,,Копачка”.

Узунски има освоено повеќе признанија и награди меѓу кои и наградите за „Особено истакнат педагошки работник”-1980; Гран при од ФИИП „Пеце Атанасовски” 2011; Плакета за животно дело од Градоначалникот на општина Делчево, по повод „100-год град Делчево”; Државна награда за народен уметник, 23-Октомври во 2014 год; „Најдобар културен работник на Источна Македонија”.

Последно простување од својот Претаедател упатија и од здружението.

-Нека ти е светол патот драг наш Претседателе, почивај во рајот, во мир. За секогаш ќе останеш во нашите срца на сите нас носителите на нематеријалното светско културно наследство орото „Копачката” и во знак на завет длабоко ти се поклонуваме и ти ја одаваме нашата последна почит, исѕакнаа од ЗФГ ,,Копачка”.

Димитар Узунски ќе биде погребан денеска во 10 часот на градските гробишта во село Тработивиште.