Почина светски познатиот лекар, по потекло од Македонија, кој во своето работење стекна светско реноме и кој во 1998 година ја доби Нобеловата награда за медицина и физиологија.
Мурад е награден со најголемото признание за откривање на улогата на азотниот оскид на кардиоваскуларниот систем, што денеска наоѓа голема примена во медицината.
Како професор по медицина и здравствени науки во Универзитетот Џорџ Вашингтон, Мурад добил и многу други награди, меѓу кои Наградата за основни медицински истражувања „Алберт и Мари Ласкер“, Наградата „Циба“ на Американското друштво за срце и Наградата „Бахтер“ за истакнати истражувања во биомедицински науки од Друштвото на американските колеџи по медицина.
Беше член на повеќе меѓународни здруженија и асоцијации. Објавил повеќе книги и статии во реномирани светски списанија.
Мурад е роден во Вајтинг во американската сојузна држава Индијана во 1936 година. Неговиот татко бил доселеник од Гостивар, а мајка Американка. Докторирал во Кливленд, а потоа предавал на медицинското училиште на Универзитетот на Вирџинија. Од 1981 продолжил со своите истражувања на универзитетите во Стенфорд и Хјустон.
Неговото име го носи гостиварската болница, а е и почесен доктор за науки на Државниот универзитет во Тетово.