Една од легендите на македонската адвокатура, познатиот Саво Коцарев, почина денеска на 93 години во Скопје. Коцарев цели 55 подини беше во адвокатурата и беше бранител во многу познати случаи и работеше речиси до последниот ден. Во именикот на адвокати се запишува во 1967 година и беше носител на лиценцата број 31.
Коцарев е роден 1928 година во Охрид. Основно и средно образование завршува во Охрид. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по што го положува и правосудниот испит. Својата кариера ја започнал како правен референт во различни организации, а во 1961 година работи како стручен соработник во Општинскиот суд Скопје 1. Минатата година Адвокатската комора му додели плакета за 55 години успешно извршување на адвокатската дејност и за подигнување на угледот на адвокатурата.
Смртта на овој доајен на македонската адвокатура беше искористена во одредени медиуми во Бугарија Саво Коцарев да биде претставен како „борец за бугарската кауза во Македонија“. Се пишува дека тој бил внук на Илија Коцарев, бугарски кмет на Охрид за време на Втората светска војна. И дека „Саво Коцарев беше последниот од сите македонски заробеници и маченици за бугарската кауза во Македонија“.
Но нема ниту збор за она што Саво Коцарев го даде како придонес за македонската адвокатура. Понекогаш изгледаше дека е речиси незаменлив и дека тоа го препознаваше многу децении не само неговата фела туку и јавноста.