Почина глумицата Ратка Радмановиќ, ни потврдија од нејзината матична куќа Народниот театар во Битола. Радмановиќ, која беше театарска филмска и телевизиска глумица, имаше 83 години.

Родена во Кочани во 1940, најголем дел од кариерата работела во Битолскиот театар. Остварила и повеќе улоги во театрите во Кочани, Струмица, Штип и Куманово. Има остварено низа на впечатливи улоги на сцените на македонските театри, особено во Битолскиот народен театар каде долго време и по пензионирањето имаше носечки улоги на репертоарот. Радмановиќ остварила десетина улоги на филм, посебно е активна по пензионирањето.

Се прослави како веќе пензионирана актерка со впечатливите улоги во филмовите на Милчо Манчевски „Сенки“, „Мајки“ и „Врба“, и се етаблира како икона за мајчето, мистична нитка што го поврзува оностраното во неговите филмови.

Во „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, пак, оствари уште една иконична појава, како храбрата и бескомпромисна мајка на главниот лик, вистинска панкерка, која обајцата ги одржува во живот буквално со своето тело, оти работи како сликарски модел за акт.

Радмановиќ глумеше и во „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“ на Манчевски, како и во „Преку езерото“ на Антонио Митриќески, „Џипски меџик“ и „До балчак“ на Столе Попов, „Големата вода“ на Иво Трајков, „Година на мајмунот“ на Блажевски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска.