Вчера во Скопје, на 78 години почина Марио Липша, моден и музички менаџер. Тој беше еден од првите кои организираше Мис на Македонија, како и организатор на модните реавии кај нас во времето на деведесетите.

Неодамна во интервју за Репортер Мики Црнокрак, некогаш еден од водечките манекенки кај нас,сподели дел од спомените за Марио Липша.

“Тој ќе ни се јавеше да ни каже дека има модна ревија и не едвај чекавме. Никој тогаш не прашуваше за хонорар и се организиравме сами, кој со коли, кој со автобус за да отидеме на ревија. Па така ѝ јас и Светлана ја почнавме љубовта, по еден телефонски повик од Марио за на ревија“, раскажа тогаш Црнокрак.

Липша ѝ беше сопруг на трагично загинатата Сашка Петковска, која беше еден од најдобрите женски вокали кај нас. Марио и Сашка имаа две ќерки, Леа и Сандра.

Петковска загина на 31 август во 1983 година во сообраќајна несреќа заедно со уште тројца членови на нејзината балетска група „Авона”, патувајќи на концерт во Свети Николе. Тогаш имаше 32 години.

ЗАМИНА ТИВКО ВО НОЌТА: Македонската пејачка која трагично загина никој нема да ја заборави, зад себе ги остави сопругот и двете деца (ФОТО) (објавено на Мај 14, 2021)

Сашка Петковска-Липша, жената со најубавиот глас на сите времиња. Загина на 32- годишна возраст, во кобна сообраќајна несреќа на патот Куманово – Свети Николе на 31-ви август 1983-та година. Зад себе ги остави сопругот Марио Липша и двете ќерки. Спомените болат, но секогаш се тука, ваквите пејачи никогаш не заминуваат во заборав.

Беше родена на 7 јуни 1951 година во Зрењанин, во семејство на Блаже и Војда Петковски. Татко ѝ бил воено лице, и поради работата во тогашната ЈНА, често се преселувале. Сепак патот ги донесе назад дома во Македонија, поточно во убавата Битола. Во градот под Пелистер Сашка одраснала и ја засакала музиката.

За време на детството на површина испливал нејзиниот музички талент. Девојчето со убав глас, настапувало по детски музички манифестации и фестивали.

Образованието го продолжила во гимназијата, а тоа се совпаѓа со времето кога станала член во групата „Скромни“, предводена од Славе Димитров и Кире Костов.

Нејзиното професионално деби како пејачка на забавно-музичката сцена било на Фестивалот во Суботица во 1970 година, каде добила прва награда за интерпретација на композицијата „Еден пораз не е крај“.

Следната година настапила во интернационалниот состав на забавни мелодии „Кантаџиро“ во Сан Ремо, Италија, каде добила втора награда за интерпретација. На Фестивалот во Бургас освоила втора награда со песната „Толку љубов“.

Потоа прва и втора награда на Фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ за хитовите „Никогаш, никогаш“, и „Бакни ме“.

Кога се запишала на Филолошкиот факултет за да изучува англиски и француски јазик, се преселила во Скопје.

Во главниот град изградила богата музичка кариера, снимила неколку плочи, а хитовите „Бакни ме“, „Никогаш, никогаш“, „Чао адои“, „Запри срце“, „Гриша“ и други остануваат да се пеат до денес.

Сашка Петковска – Липша одреден период беше и членка на легендарната вокално-инструментална група „Македонија“ предводена од трубачот Благој Чешларов, заедно со Даниела Панчетовиќ, Кирчо Поп Лазаров, Зорица Поп Панкова, Верица Ристевска, Панче Кочовски… Беше сопруга на познатиот естраден работник и менаџер Марио Липша, кој долги години беше на чело на најпознатата естрадна институција во Македонија, здружението на естрадни уметници „Естрада“.

Пред десетина години на Сашка Петковска и беше посветена и манифестацијата „Незаборав“, во организација на продуцентот Панде Димитровски. Пред преполната сала на Народниот театар во Битола, нејзините песни ги испеаја реномирани пејачки од Битола.

„Бакни ме“ ја изведе Маргарита Христова, „Чао адио“ Билјана Дамјановска, „Пушти ме како птица“ Марина Коруновска , па следуваа изведби на Анета Мицевска, Анета Ефтимова, Андријана Ацевска, Марија Митровска и Ирена Димовска.

Тогаш на таа манифестацијата присуствуваше и нејзината ќерка Сандра Липша, која исто така дел од детството го мина во Битола.

-Конкретни сеќавања и немам многу зашто мајка ми почина кога имав само четири години, но дел од неа живее во мене. Чуваме фотогрфии од неа, ја слушаме нејзината музика, ги чуваме албумите. Добро е што луѓето ја памтат нејзината песна, рече тогаш ќерката на Петковска.

Токму тогаш кога беше на врвот на кариерата, Сашка за жал трагично го загуби.