Контроверзниот српски политичар Срѓан Ного, за кого Вишото јавно обвинителство во Белград вчера одредило мерка притвор поради сомнение дека повикувал на насилна промена на уставниот поредок, се наоѓа во бегство, објавија српските медиуми. Ного е познат за македонската јавност откако на неговите канали на социјалните мрежи објавуваше снимки, како и детали за случајот со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Според српските медиуми, Ного го оставил мобилниот дома и побегнал.
Како што се наведува во текстот, поранешниот пратеник во српското Собрание и екстремен десничар детално го прикажал планот на студентите и тамошната опозиција кои за 15 март најавуваат голем протест пред Собранието на Србија.
Тој во изјави за тамошните медиуми им се заканувал на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, како и на припадниците на српското Министерство за внатрешни работи.
Во јануари 2024 година, Ного објавуваше исечоци од снимки и наметна нови дилеми во јавноста поврзани со убиството на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче. Тој тврдеше дека токму таткото на Вања, а не полицијата ги открил, поврзал и решил случајот со исчезнувањето на Панче и неговата ќерка. Потоа следеше реакција од Основното јавно обвинителство – Скопје кои информираа дека сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените се обезбедени и не постои никаква опасност за компромитација на истрагата за убиствата со објава на снимки од видеонадзор на објекти.
Ного, како што пишува во биографијата објавена на неговата веб-страница, е еден од основачите и водачите, прво на движењето, а потоа и на партијата Двери во Србија. За пратеник во српскиот парламент е избран на изборите во 2016 година и таму останува до 2020 година. Во 2019 година бил исклучен од партијата, а до крајот на мандатот дејствувал како независен пратеник. Важи за промотор на теории на заговор и експонент на руските интереси во регионот.