Актерот Владимир Тулиев доби отказ од неговиот матичен театар во Штип. Информацијата ја потврди Тулиев преку Фејсбук, истакнувајќи дека после 42 години од првата професионална театарска претстава утринава му стигнало и отказното решение, објави порталот 360 степени.
Засега нема подетални информации зошто Тулиев е избркан од работа.
„Е да, драги мои колеги, пријатели и моја најдрага публико, после 42 години од првата професионална театарска претстава, сабајлево ми стигна и отказно решение! Како и да е, не дозволувајте да ви плукааат на трудот, талентот и актерската креација! Не дозволувам ниту јас! Ви Благодарам за поддршката!“, напиша тој.
Тулиев е долги години присутен на театарските штици, а има остварено и солиден број на филмски улоги и тоа во „Панкот не е мртов“, „Трето полувреме“, „Господ постои името ѝ е Петрунија“, „Година на мајмунот“ и други. Во последниве неколку години на јавноста ѝ е познат преку улогата на Дончо во телевизиската серија „Преспав“.