Денеска во Битола е уапсена 44-годишната Розмарин Стојковска по која имало распишана потерница за издржување на затворска казна од 8 и пол години. Стојковска е поранешна вработена во УЈП во Скопје која ги злоупотребувала податоците на даночните обврзници со што успевала да ги измами за да им земе пари како противуслуга за добивање на државна помош или државни субвенции за кредит.

Успевала да измами и луѓе на кои им земала пари нудејќи им наводна помош за добивање на инвалидска пензија или помош за ширење на бизнисот.

МВР потврди дека е уапсена бегалката од законот по што е префрлена на издржување на казната во Идризово. Најдена е во живеалиште во Битола. -При претресот во домот на Р.С. пронајдени се предмети кои потекнуваат од кривични дела, како и предмети кои ќе помогнат во расчистување на претходно пријавени кривични дела, објавија од МВР.

Таа е осомничена и во други активни истраги за извршени кривични дела измами, злоупотреба на лични податоци и неовластено влегување во информатички систем.

-Денеска (21.11.2023) околу 17 часот полициски службеници од Оперативен тим Потраги при СВР Скопје во координација со Отсекот за компјутерски криминал при СВР -ОКП Охрид на ул.„Ружа Делчева“ во Битола ја лишија од слобода Р.С. (44) од Скопје, лице барано по шест централни потерници од МВР, по наредба на Основен кривичен суд Скопје и ОЈО Скопје за затворска казна од осум години и шест месеци. При претресот во домот на Р.С. пронајдени се предмети кои потекнуваат од кривични дела, како и предмети кои ќе помогнат во расчистување на претходно пријавени кривични дела во врска со чл.247, чл.149 и чл.251 од КЗ на РСМ. Р.С. ќе биде предадена на КПУ- Идризово за издржување на затворската казна, потврдија од МВР за апсењето.

Во 2019-та КОД на Телма објави повеќе продолженија за оваа сериска измамничка која поради дисциплински постапки беше отпуштена од УЈП, но судовите ја вратиле на работното место покрај компјутер со пристап до податоци на даночни обврзници поради технички пропусти со врачувањето на отказното решение (примено со задоцнување од 4 дена по законскиот рок). По враќањето на работа продолжила да ги користи податоците и да ги контактира жртвите со една цел да ги измами.

На горната шема се прикажани неколку случаи од повеќе години, во 2017-та Розмарин Стојковска успеала да измами бизнисмен кому податоците му ги нашла преку системот на УЈП и му зела 19 илјади евра за да му помогне службено да добие средства за зголемување на семејниот бизнис. Парите ги барала како обврска и депозит за државнат помош.

Во 2018-та, на една жртва и зела 26 илјади евра за наводна процедура за отварање на фризерски салон, по што го сменила телефонот и не и се јавувала. Наредната 2019-та, измамила даночен обврзник кому му зела 20 илјади евра за помагање при остварување на партнерство во фирма. Освен убедливоста во разговорите, Стојковска ги користела и податоците од државните бази за да „докаже“ дека всушност го прави тоа (им помага) како државна службеничка од УЈП.

По повеќе истраги и процеси, покренати по објавата на КОД, Розмарин Стојковска беше отпуштена повторно од УЈП, но беше и осудена на затворски казни откако претходно судот и изрекуваше условни пресуди и враќање на парите кои ги стекнала со измама. Најлошо за жртвите е што на нејзино име нема имот и измамените не може да добијат пари.

Во продолжение двете емисии на КОД емитувани во 2019-та.