Денеска како и во изминатите неколку денови често врне дожд во Скопје и пошироко во Македонија, така е и во овој момент непосредно пред стартот на натпреварот од квалификациите за СП 2022 помеѓу нашата А репрезентација и Германија.

Засега нема никакви информации за некакво одложување на мечот, останува закажаниот термин 20.45 часот на Националната арена „Тодор Проески“.

Ако во минатиот месец имавме критики од Романците поради лошиот терен на нашиот најголем стадион, овојпат теренот изгледа многу подобро, иако вечерва може да биде и лизгав и им направи проблеми на играчите во контролата на топката.

Судиска правда на денешната средба ќе дели еден од најпознатите европски арбитри, Холанѓанецот Дани Макели.

Германците преку социјалните мрежи објавија дека сè е подготвено во Скопје за одржување на вечерашната пресметка.

Познат изборот на Милевски

Селекторот Благоја Милевски, го одреди стартниот состав за натпреварот со Германија кој се игра вечерва во 20:45 на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Милевски се одлучи за неколку измени од дуелот со Лихтенштајн, пред се во средниот ред каде што сега ќе се најдат Николов и Костадинов, заедно со Адеми, додека Елмас добива нова улога.

Така Димитриевски ќе биде на голот. Во одбраната Стефан Ристовски на десната бековска позиција, Дарко Велковски и Висар Муслиу е стоперскиот тандем, а лево стандарно оди Алиоски.

Во средниот ред сега Николов, Адеми и Костадинов, со тоа што последните двајца ќе имаат обврска да помагаат и во напад и во одбрана. Милевски се одлучи за Елмас овојпат да оди на крилната позиција, заедно со Чурлинов на другата страна. Во нападот добива шанса Јаховиќ, на местото на Милан Ристовски кого ќе го нема поради суспензија.